NextGen намалување штети (NEHRD) е иновативна европска иницијатива која се справува со итните предизвици на новите психоактивни супстанции (НПС). Овие синтетички супстанции брзо се појавуваат на пазарот и претставуваат сериозни, непредвидливи ризици за јавното здравје. Тие често лажно се претставуваат/рекламираат како „легални супстанции“ или „етноботанички производи“ и стануваат сè попопуларни кај младите и маргинализираните заедници. Нивниот брз променлив состав, достапноста преку интернет, интензивното дејство ги прави тешки за регулирање и уште потешки за справување со зависноста преку традиционалните системи за поддршка.

NEHRD обединува водечки организации за намалување штети од Романија, Србија, Португалија и Северна Македонија. Целта е да се развијат иновативни, инклузивни и дигитално ориентирани стратегии за намалување штети, кои одговараат на реалноста на денешниот пазар на супстанции.

Нашите цели

NEHRD има за цел:

Да изгради капацитети кај професионалците кои работат на полето на намалување штети за да можат да се справат со предизвиците поврзани со новите психоактивни супстанции (НПС).

Да развие и да спроведе дигитална обука приспособена за стручни лица кои работат со зависности, социјални работници, медицински персонал, фармацевти и врснички-едукатори.

Да дизајнира и да пилотира онлајн услуги за поддршка во заедницата, вклучувајќи СОС линии за помош и/или анонимни платформи за разговор со корисниците на НПС.

Да соработува директно со корисниците на НПС и нивните заедници за заедно да креираат услуги, што се практични, непристрасни и релевантни.

Да ги зајакне напорите за застапување и креирање политики со цел да се залагаат за решенија засновани на докази и хуман пристап во справување со проблемите на новите психоактивни супстанции (НПС) на национално и на ниво на ЕУ.

За кого е наменет овој проект?

NEHRD е дизајниран да поддржува

Корисници на НПС

од сите возрасти, вклучувајќи ги младите во ноќниот живот и онлајн просторот.

Ранливи групи и групи со висок ризик

како што се ЛГБТКИ+ лица, сексуални работници, луѓе кои инјектираат супстанции (PWID) и етничките малцинства.

Мрежи за поддршка

вклучувајќи семејства, едукатори, младински работници и советници.

Професионалци

од здравствената и социјалната заштита: доктори, фармацевти, медицински сестри, социјални работници и персонал за ментално здравје.

Институции и креатори на политики

кои ја обликуваат иднината на политиките за дроги и јавното здравје.

Нашиот пристап

Со комбинирање на вклученост на заедницата, дигитална иновација, и прекугранична соработка, NEHRD обликува нов модел на намалување штети— одговорен, инклузивен и подготвен за иднината.